Божана Перо Трајковска

Да сум господ

Да сум господ еден ден само;
ќе ја напојам со животворни капки
земјата моја
за да ѝ го вратам здивот,
а народот македонски
да блесне како ѕвездено поколение
што се престорува во вечност.
Да сум Господ еден ден само;
светлината и темнината
би ги соединила,
темнината нека си оди
светлината нека остане
вдаховена
во душите на сите луѓе од светот.
Да сум Господ еден ден само;
Би создала најголемо светско братство во кое:
војните,
гладот,
насилната смрт,
и пороците ќе си одат,
човекољубието ќе си остане.
Да сум Господ еден ден само;
Сите луѓе од сите земја
би ги збрале во преграб
да ги соединам
во една мисла за мир
во кој ќе заблеска размената
на достигањата врвни

на сите полиња од вековието
како и различностите на културите нивни.
Среќата да им се плоди
со раскрилена љубов
за да и дарат на душата
соѕвездие.
Разликите нека си одат
доблестите да останат.

Блесок на просветлување

Трауматична мајко, земјо на апсурди
предолго живееш во транзиционо патешествие
нанижано со:
безредие,
самоволие,
лицемерие,
поткупливост,
истрошеност,
бесчуствителност,
национална разединетост
и социјална безизлезност.
Завладеа морален трулеж
златните рѓосаа,
рѓите се позлатија
Ние останатите
со бесмртна надеж
нема да се вклопиме во времето на заборавот.
Ќе чекориме напред
да не оставиме празнина задсебе.
Кодот Македонец
е длабоко врежан во нас.
во оваа лулка на премрежија
сеуште постојат Родољуби
кои со своите чекори
ќе донесат историски Разден
што ќе го избрише невремето во нас;
Ќе блесне сјај со хумано
непоматено совршенство
на национално просветлување.

Манастирот Свети Атанасие во Лешок

Камбанаријата во манастирот
Свети Атанасие во Лешок
ги обединува земјата, небесата и водите
и продолжува да не води
низ времето што беше
и врмето што следи.
          Храмот божји
          облечен во икони
          на светци и апостоли
со ореоли од сребро
и светлечки одежди
будно стражарат
над молитвите христијански.
Темјанот мирис шири,
свеќите пламенуваат
довикуваат миг на вечност,
оплакување на судбата наша.
Светлост од ликовите
на иконите стари
се разлева одвнатре
и зрачи со вечност.
Чија ли рака ги создаде
иконописите со нежен поглед
и воскресната убавина
отпечатени во совршенство
оживеани во постојаност?
Можеби со четка од рајско гранче
ја насликаа трајноста нивна
со благослов од Господ
Конфликт 2001
закрвавени очи во планината Шара
злокоби во душа и крвави дела;
визијата нивна,
да убиваат и рушат.
Рикна денот мрачен небо што кине.
Ја ископаа фреската на Христа
и на мајката Марија
што плод држи.
Апостолите бројни
со гулабести крилја
разлетани како ангели
над храмот божји
ги штитат темелите древни.
Библијата гори во пламен ...
Крстот тажно гледа        
како мртва врана.
Камбаната жолта
што го благословуваше денот
глува стана
пред крвавиот залез
но, таа
и во молкот се слуша.
На верниците
окото не им го дофати сонот
додека како феникс
од пепелта,
не се издигна повтор
со бликанта убавина
манастирот во Лешок.
Ликовите стари
во руба нова ...
Одново благослов се слуша!
По адетите христијански
луѓето се молат;
Венчавки и крштевки се редат.
Духот на игуменот во Лешок
Пејчиновиќ Кирил
кој прв објавил книги
на живописен,
македонски говор стражари:
“За правдата да биде поправедна;
За животот да биде поживотен;
Љубовта меѓу луѓето поизразена.”
На животот човечки
не му е дадена вечност
но, манастирот во Лешок
за вечност е извишен.
И сите молитви
на напластените предци
ги става во една
за недоброено време;
Да стои  храмот
под сончев зенит
во разлив ко паметник китен.
Поколенија
ќе му идат на поклонение
за вечна среќа
како сокровиште на блесок
благословен
повторно од бога.

Би сакала

Би сакала
светлината златна на сонцето
и вечерниот пурпур на ѕвездите,
водопадите,
стерните,
реките многуводни
да ми ја распалат душата
да станам вруток
од кој ќе се разнесе
музиката на мојата
душевна хармонија
за заеднички лавиринт
на љубовта
со моите блиски,
со мојот народ
со мојата
сакана земја.

Ѕвоната на разденот

Навлезе во раната на небитноста.
Се движиш во друга димензија
со моќ на неограничен простор.
          Кога сетилата ќе се измешаат
доаѓаш,
ја потхрануваш душата моја
со убавина,
со подем кон издржливоста
да ја довршам
родителската обврска
што заедно ја ткаевме.
Толку многу твое
се врежало во мене.
          Со ѕвоната на разденот
во муграта рана
јас сум Благословена
во борба со животот
и истрајноста.

Белиот гулаб

Бел гулабе
пагански ангел на мирот
одлетај!
И истражи го светот;
Собери ги ветровите на мирот,
освежи го воздухот
со силата и моќта
што се дише
во недогледни деноноќија.
Овозможи им:
на децата детство,
на мајките мајчинство,
на татковците грижно татковство,
на цвеќињата да цутат,
сите усни радосно да се смеат,
и сите тажни со надеж да се згреат.
Бел гулабе;
Исполни го животот со верба за мир.
Развеј го знамето на љубовта
низ галаксијата наша.
Во огледалото на животот
нека свети мирољубив дух.
Светлината,
нека го разбие мракот
и во најтемните души
на страдалниците.